Битиќи во посета на РЕК Битола, производството на АД ЕСМ 100 проценти ги задоволи потребите за струја на домаќинствата
Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи беше во посета на РЕК Битола, каде заедно со директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски одржаа работен состанок со раководството и дел од производните единици, а го посетија и рудникот „ПЈС“ или поранешен „Суводол“, соопшти владината прес-служба.
Вицепремиерот Битиќи им се заблагодарил на сите вработени во РЕК Битола од целиот народ за сé што прават, за сите напори кои ги вложуваат за да одговорат позитивно на предизвикот во кој што се наоѓаме со производство и снабдување со доволно количество електрична енергија од домашно производство, во целиот овој период на енергетска криза.
-Ова е вистинскиот одговор на кризата кој оваа Влада го дава. Рековме дека заеднички, со заеднички сили ќе го пребродиме овој период и ова е како се преземаат сите мерки за да обезбедиме доволно електрична енергија, изјави вицепремиерот Битиќи, се посочува во соопштението од владината прес-служба.
Вицепремиерот потсетил дека штедењето на електрична енергија продолжува да биде одговорност за сите.
Во соопштението се наведува дека производството на АД ЕСМ, 100 проценти ги задоволи потребите за електрична енергија за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи.
АД ЕСМ на 22.10.2022 година произведе 12.040 MWh електрична енергија со што целосно ги задоволи потребите за струја на домаќинствата и на малите потрошувачи исклучиво од сопствените, домашни капацитети.
-Продолжуваме со апелите за заштеда на електрична енергија и разумно трошење, време за опуштање нема, изјавил вицепремиерот Битиќи.
Директорот Ковачевски изјавил дека е завршен ремонтот на термоелектраната и успешно е ставен во функција блок 1, а блок 2 континуирано е во функција.
-Во наредниот период се очекува да пристигне и трансформаторот за блок 3 со што ќе може да бидат во функција сите три блокови за производство на РЕК Битола, изјавил директорот Ковачевски.
Вицепремиерот Битиќи и директорот Ковачевски го посетиле и рудникот „ПЈС“ или поранешен „Суводол“ каде констатирале дека има значителен ископ на домашен јаглен за производството на РЕК Битола, а со тоа и зголемено производство на електрична енергија.
-Даваме силна поддршка на вработените, во овие тешки услови да ги исполнат плановите, бидејќи имаме обврска од Владата и граѓаните да испорачаме 25% поголемо домашно производство на електрична енергија во текот на оваа година со цел пребродување на кризата. А, притоа да немаме рестрикции и да ја одржиме стабилна цената на електричната енергија, рекол директорот Ковачевски.
Како што се наведува во соопштението, вицепремиерот Битиќи и директорот Ковачевски заклучија дека сите преземени мерки и вложувања, кои се направија во последниот период, во дополнителна механизација, транспортни системи како и ремонтите кои што се направија во термоелектраните, денеска даваат резултат со зголемено производство на нашата најголема производна единица за електрична енергија РЕК Битола, што значи стабилен енергетски систем.