
Бислимоски: Јас сум противник на поскапување на електричната енергија
„Кај 99,2 отсто од домаќинствата ќе се намали трошокот за електрична енергија не вклучувајќи го зголемувањето на ДДВ-то. Јас сум противник на поскапување на електричната енергија и сметам дека треба да се свртиме кон домашните капацитети. Годинава имаме и заштеда на струја од 16 отсто“ рече претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски на ТВ24.
Бислимоски вели дека енергетските компании успеале да остварат заштеда на цената за пренос на електрична енергија, освен тоа што се намалени трошоците за мрежарината.
ЕСМ има дополнителни обврски. Ако ги снабдува само малите потрошувачи ќе нема потреба да набавува дополнителна струја, но сега треба да ја поддржува на пример пекарската индустрија, објаснува Бислимоски.
-Со новите цени праќаме сигнал дека ако се штеди, ќе има пониски цени на струјата, вели Бислимоски за намалувањето на цените за првиот и вториот блок потрошувачи и минималното покачување на оние од третиот блок.
Бислимоски појаснува дека кога намалувањето на цената на струјата ќе се компензира со зголемувањето на ДДВ-то од 5 на 10 отсто, практично цената на струјата за првите два блока потрошувачи ќе остане непроменета.
-Ќе се потрудиме цената на струјата да остане на ова ниво без разлика на берзанските цени на електричната енергија. Добро е што во последно време имаме тренд на зголемување на фотоволтаиците, вели Бислимоски.