Бислимоски: Цената на топлинската енергија може да се намали за 70% со предвидените стратешки инвестиции
Две стратешки инвестиции во енергетиката, една француска, друга грчка, сериозно ќе влијаат на зголемување на енергетскиот капацитет на државата, но и да влијаат врз цените на електричната и топлинската енергија, смета претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимоски за Слободен печат.
„Ние ја имаме ЕСМ државна компанија која во зависност од годината има производство од 3600 до 4000 гигват часови, што значи дека тоа до некаде може да ги обезбеди потребите на домаќинствата и малите потрошувачи и таму, од државата е натерана да продава по цена што е далеку пониска од производната цена. Што добиваме со француската инвестиција? Ние добиваме цена од 55 евра и плус едно евро за општините и при тоа имаме гаранција дека таа електрична енергија си е наша и таа по законите треба да ја откупи ЕСМ. Исто така со грчката конегеративна централа, ќе се влијае на цената на топлинската енергија. Цената на топлинската енергија ќе биде за 40% пониска од цената на толинската енергија на топланите во Скопје. На тој начин ќе добиеме некаде за 70% поевтина топлинска енергија од сегашната цена. Со тоа се дава јасен сигнал за граѓаните во Скопје кои претходно се исклучиле од мрежата на парно греење, да се вратат назад“, посочи Бислимоски.
Според него, со тоа ќе се ослободи сериозна количина на електрична енергија која би се вратила во енергетскиот систем.
„Ако сите домаќинства поради поевтина цена пак би се вратиле на парно, тоа би ослободило околу 300 до 350 мегават часови. Тоа се два блока од РЕК Битола кои би биле слободни и од кои ЕСМ ќе продава енергија на слободен пазар и ќе остварува профит. Дали може ЕСМ да ги направи овие инвестиции, јас гарантирам дека не може и затоа ни се потребни вакви стратешки инвестиции“ посочи Бислимоски.