Бислимоски: Снабдувањето со електрична енергија за 611.000 домаќинства во изминатиот период е стабилно
„Грејната сезона започна согласно правилата за снабдување и мрежните правила за 60 илјади потрошувачи, додека снабдувањето со електрична енергија за 611 илјади домаќинства во изминатиот период е стабилно, но и покрај тоа неопходно е рационално трошење на енергенсите“ посочи Марко Бислимоски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) на редовен месечен координативен состанок со енергетските компании.
„Енергетската состојбата во Европа е комплексна, секоја држава ги моделира решенијата врз основа на солидарност – помагање едни со други и рационално трошење на електричната енергија. На состанокот разговаравме за трите постулати врз основа на кои се менаџира состојбата: остварување на планираното зголемено производство за електрична енергија што подразбира 100% покривање на потребите за домаќинствата и малите потрошувачи како и вишок енергија што ќе биде насочена кон стопанството. Паралелно, на состанокот се оцени како позитивна таргетираната помош за ранливите категории – иницијатива на РКЕ и препорака на Енергетската заедница. Координираните системски мерки ќе помогнат да се амортизира состојбата и да им се помогне на оние кои што им е најпотребно. Допрва доаѓаат месеци во кои што температурата ќе биде пониска, затоа неопходно е рационално трошење на сите енергенси“ изјави Бислимоски.
На состанокот беа присутни претставници од енергетските компании ЕСМ, МЕПСО, ЕВН ХОМЕ, Електродистрибуција и МЕМО.