Бислимоски најави дека од јули ќе има нов ценовник на струјата
Марко Бислимоски – претседателот на Регулаторната комисија за енергетика информираше дека при крај се анализите за најголемата реформа на тарифниот систем за електрична енергија.
Тој денеска на прес-конференција изјави дека во ниската тарифа ќе има само една цена, независно од потрошувачката на струјата, а во високата, односно скапата тарифа, ќе имало различни цени.
Новиот тарифник ќе стартува на почетокот на јули заедно со новиот ценовник на струјата.
Компаниите веќе доставувале пресметки, а ќе се внимавало за домаќинствата кои се грееле исклучиво на струја и немале друга можност.
„Дури и да е во највисоката тарифа, потрошувачот ќе си плати најниска цена за оние киловати што влегуваат во првата тарифа, потоа по втора цена ќе му се пресметуваат оние киловати што влегуваат во вториот блок, а по трета, и евентуално четврта, оние во третиот и во четвртиот блок“ -рече Бислимоски.
Тој ја соопшти и просечната потрошувачка во државава која изнесувала 410 киловат-часови, од кои 53 отсто биле во скапата тарифи, а 47 отсто во евтината.
Според Бислимоски едно четиричлено семејство што се греело на струја на панели, во просек трошело 1.100 до 1.200 киловат-часови месечно, а со инвертори од 800 до 850 киловат-часови, но дека свој удел во тоа имала и изолацијата.