Бислимоски: За праведна транзиција треба да имаме домашни ресурси за да влијаеме на цените на струјата!
„Верувам дека оваа година производството на електрична енергија ќе се стабилизира и ќе биде далеку повисоко отколку што беше во изминатиот период, бидејќи тоа е многу важно затоа што ако сакаме да зборуваме за праведна транзиција треба пред сè да имаме домашни ресурси за да влијаеме на цените на електричната енергија“.
Ова денеска го истакна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика – Марко Бислимоски на тркалезната маса „Преку праведна енергетска транзиција до одржлив раст и развој“.
Бислимоски рече дека во последниов период, енергетиката како никогаш до сега го привлече целосно внимание на јавноста, имајќи го предвид постојаниот пораст на цените на електричната енергија, природниот гас и нафтата на берзите.
„Ако до пред некоја година енергетската транзиција беше еко-престижот кон кој се стреми секоја земја, денес во време во кое секоја држава во борба за поевтин киловат час повторно ги вклучува сите расположливи капацитети што ги има, вистинското прашање е како да се постигне поголема енергетска независност, што ќе ги заштити и граѓаните и нивниот стандард“ – рече тој.
Првиот регулатор смета дека ние како држава имаме проблеми со домашното производство на електрична енергија, која што е во постојан пад и ја отежнува целокупната ситуација.