Бислимоски: ЕСМ директно ќе продава струја за училиштата и компаниите
Крајната цел е основните и средните училишта, македонските компании, јавните комунални претпријатија и прочистителните станици да добијат пониска цена на електричната енергија од пазарната и наместо да се финансира ЕВН и да му се плаќа маржа, ЕСМ директно да им ја продава на нив, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски.
-Мојот предлог е ЕСМ преку својата компанија за продажба, директно да им продава на овие категории на потрошувачи по цена, која што ќе биде пониска од цената која што е во моментов на регулираниот пазар за малите потрошувачи. На тој начин ќе избегнеме на ЕВН Хоум да им се даваат дополнителни пари за маржа, а ќе обезбедиме ЕСМ како државна компанија, која што добила субвенции од државата, да ги намали овие субвенции, рече Бислимоски во емисијата Студио 10 на ТВ 24.
На овој начин, како што нагласи, ќе им се помогне на училиштата, компаниите и јавните комунални претпријатија со цена која е поволна за нив и прифатлива.
Со предлогот на опозицијата, доколку се вратат сите овие на регулираниот пазар на електрична енергија во тој случај цената на електрична енергија што ЕСМ ќе ја продава на ЕВН Хоум е 48 евра за мегават час, но маржата на ЕВН Хоум ќе се зголеми за дополнителни 5 до 6 милиони евра, посочи Бислимоски.
Тоа, според него, дополнително ќе врши притисок за зголемување на цената што ја плаќаат сите потрошувачи на регулираниот пазар по 1 јануари идната година.