Бислимоски: ЕВН Хоме бара зголемување на цената на струјата за 10 отсто
Марко Бислимоски – претседателот на Регулаторната комисија за енергетика во интервју за „Фактор.мк“ вели дека ЕВН Хоме, како универзален снабдувач со електрична енергија за домаќинствата и потрошувачите, бара повисока цена за 10 отсто од 1 јануари 2024 година.
Тој вели дека „пресметките допрва ќе следуваат и конечната одлука ќе биде донесена на крајот на годината, а очекува новиот повик за универзален снабдувач од следната година да донесе помала профитна маржа, а со тоа и можност за поевтинување на струјата на регулираниот пазар.
„Сите компании ги поднесоа барањата – МЕПСО, Електродистрибуција, МЕМО, а ЕВН Хоме тоа ќе го направи дополнително, откако ќе ја добиjат цената за мрежарината. Прва работа што ја гледаме и што ја знаеме е дека ЕСМ на тендерот на ЕВН Хоме понуди цена од 57 евра, а претходно беше 53 евра, и следната година во првите шест месеци ќе обезбедува 95 отсто од потребите, а 5 отсто ќе се набавуваат по цени на слободен пазар кои се околу 140-150 евра по мегаватчас. Сето тоа има влијание на крајната цена за околу 10 отсто. Кај МЕПСО и Електродистрибуција не можеме најконкретно да кажеме кои им се барањата. Следните денови ќе направиме симулација. Кога беше поднесено барањето за тендерот за загубите кај Електродистрибуција, тој не беше завршен и не знаеме колку побарале, а тендерот на МЕПСО за покривање на загубите ќе биде завршен во текот на оваа или следната недела. Јасно е дека имаат одредено зголемување на трошоците. Треба да се каже дека е зголемена цената на бакарот и има трошоци за зголемени плати. Има и зголемени инвестиции кај трите компании, што е добро. Сето тоа има влијание на крајната цена. Тоа значи дека кај мрежарините ќе бидеме попрецизни деновиве, откако ќе ја направиме симулацијата. Засега јасно е единствено дека на ЕВН Хоме барањето е за зголемување од 10-11 отсто“ вели тој во интервјуто.