Бислимоски: Државата можеше, ама не изгради големи енергетски капацитети, најмногу инвестиции се приватни

Во 30 години независност Македонија како држава преку државната компанијата ЕСМ изградила нешто меѓу 140 и 150 мегавати енергетски инсталации, а сето останато што се изгради во енергетскиот сектор се инвестиции од приватниот сектор. Домашни и странски компании направија повеќе од 900 мегавати во овие 30 и нешто години, од кои само во последните две години се направени 600 мегавати, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски во интервју за „Радио Слободна Европа“.

Тој додаде дека изминатите 30 години, ради кусогледи политики и евтин популизам не се градеше ништо.

– Државата во изминатите 30 години не градеше заради кусогледи политики, заради евтин популизам од аспект не можеме да градиме, ако градиме ќе ни расте цената… Ако направиш нешто да, тоа има влијание и на цената. И се доведовме во ситуација да потрошиме речиси 400 милиони евра со разни субвенции во најголем дел за домаќинствата и за да го изгаснеме пожарот. Додадената вредност ни е нула – рече Бислимоски.

Претседателот на РКЕ рече дека во овие 30 години, ако сме сакале, ако сме можеле и биле мудри ќе сме направеле и гасна електрана, и Чебрен, но не се направени.

За инвестицијата на „Митиленос“ вели дека се шират лажни информации.

– Со самиот договор е предвидено да се применува методологијата која што ја утврди Регулаторната комисија за енергетика во однос на определување на цена на топлинска енергија произведена од когенеративна постројка. Речиси повеќе од дупло, цената на когенеративната постројка Те-То за топлинска енергија е поевтина од цената на топланите. Истата таа методологија ќе ја примениме и за „Митиленеос“. Наместо да имаме цена од 5,3 денари, ќе имаме цена од 2,5 денари – вели Бислимоски.