Бислимоски: Договорите за парно ќе се испраќаат и по пошта

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика-РКЕ, Марко Бислимовски изјави денеска дека нема потреба од гужви во пунктовите за потпишување на нови договори за парно откако ЕСМ ја презема дејноста од Балкан Енерџи Груп-БЕГ.

„Нема опасност некој да биде исклучен. Тие што немаат потпишано договори, ќе им пристигнат во поштенски сандачиња заедно со сметките за парно. Тоа е вообичаена работа да се потпишат нови договори. ЕСМ има таква обврска, сепак граѓаните треба да знаат дека нема да бидат исклучени“, кажа Бислимовски за време на гостувањето во телевизијата „Сител“.

Тој посочи и дека има проблеми со внатрешната инсталација во некои топлотни пумпи, но парно ќе има.

Обврската за промена на договорите се однесуваат на сите граѓани кои досега парно добиваа преку компанијата БЕГ. Тоа значи дека периодов кој следува исто толку сопственици на станови ќе треба да отидат на некој од трите пункта на БЕГ (во Центар, Аеродром и Тафталиџе), за да потпишат договор во којшто ќе пишува дека парното сега им го обезбедува ЕСМ.

АД ЕСМ досега набави природен гас за првите две недели од стартот на грејната сезона, односно до крајот на октомври.