Бислимоски: Воведувањето на дневна евтина тарифа е бенефит од Елдорадото на фотоволтаици што се случува во земјава
Во Скопје денеска започна четвртиот Социо-еколошки форум во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“ со канцеларија во Скопје.
На првиот панел „Како да се обезбеди социјално праведна енергетска трансформација во ера на растечка сиромаштија и нееднаквости?“ учество зедоа претседателот на Регулаторна комисија за енегетика, Марко Бислимоски, претставничката од Интернационалната унија на станари, Барбара Стинберген, како и градоначалникот на Тузла, Босна и Херцеговина, Зијад Лугавич.
Бислимоски истакна дека во изминативе две години ни се случува македонско Елдрорадо на инвестиции, што практично е еден силен замаец во процесот на енергетската транзиција. За две и пол години во земјава се изградени нови електрани од обновливи извори со вкупен инсталиран капацитет од 700 MW, што претставува раст од 25-30 % на инсталираниот капацитет воопшто кој досега сме го имале со што практично сме ја зајакнале енергетската независност.
„Воведувањето на дневна евтина тарифа од 13 до 15 часот е директен бенефит од Елдорадото на фотоволтаици што се случува во земјава. Поради историскиот рекорден намален увоз на струја од 30 на 2,75%, како директен резултата на овие инвестиции во обновливи извори сега се анализира можноста да се прошири евтината дневна тарифа на уште еден дополнителен час“, рече Бислимоски.
Стинберген рече дека во Северна Македонија 75% од луѓето живеат со родителите до 30 годишна возраст и оваа состојба мора да се промени.
„Во Швајцарија 70% се станари, а само 30% се сопственици, од земјата кадешто доаѓам јас 40% имаат свои домови, а останатите 60% изнајмуваат. Сметам дека е многу важно граѓаните да имаат избор како сакаат да живеат, не само со сопствеништво, туку и како закупец, но и во рамки на задруги. Потребна ни е промена кон социјална правичност и достапност, вистинскиот напредок доаѓа од социјалните движења. Во Северна Македонија повеќе од 75% од луѓето живеат со своите родители до 30 годишна возраст, како таа младина да започне независен живот ако овој проблем не се надмине. Мора да најдеме јавно и достапно, па дури и социјално решение во овој систем на изнајмување“, рече Стинберген.
Лугавич посочи дека енергетската и зелената транзиција во моментов е ин, а социо-еколошката трансформација ја започнале во 2011 година кадешто направиле повеќе работи.
„Во моментов ја кофинансираме изолацијата на јавните згради, околу 80% од инвестицијата, така што сакаме да ги направиме јавните згради повеќе енергетски ефикасни. Исто така, лани аплициравме на УНДП проект со цел да инсталираме соларни електрани на административните гради на општината, се обидуваме да ги направиме нашите јавни компании повеќе енергетски ефикасни. Почнавме со промена на јавното осветлување и променивме 2500 лед светла во јавните области и заштедивме околу 95 илјади енергија во текот на годината“, информираше Лугавич.