Проблемот со „Макпетрол“ е надминат и компанијата ќе си доставува понуди во текот на следните денови до сите потрошувачи, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски.
Според него, гас ќе има, а конкурентоста ќе биде обезбедена од 1 јануари идната година од кога ќе важат новите правила на пазарот.
„Макпетрол се согласи со овој пристап бидејќи на некој начин одредени ризици што беа кај снабдувачите се тргнати со вклучувањето на ГА-МА. Значи, ризиците кои што беа на снабдувачите, да не се соочат со проблеми со ликвидност доколку не плаќаат одредени потрошувачи ќе го преземе државата преку ГА-МА, но верувам дека тоа ќе бидат мали отстапуавња и оти на тој начин ќе го решиме проблемот“, рече претседателот на РКЕ, која денеска организираше јавна расправа за новите правила за снабдување со природен гас, што треба да профункционираат од 1 јануари.
На состанокот со државните компании НЕР и ГА-МА, како и трговците, снабдувачите и потрошувачите се усогласиле дека процесот како што е предвиден ќе почне.
„Но, за да се тргнат одредени ризици кои би се јавиле кај новите снабдувачи со природен гас, овозможивме поактивна улога да земе и ГА-МА, или новата компанија што ќе се формира наредната недела, да преземат обврска да им помогнат на потрошувачите да доставуваат номинации, при изработката и одредени технички работи, со што овозможивме трговците и снабдувачите заедно да работат со потрошувачите во јануари со цел да се релаксира ситуацијата“,посочи Бислимовски.
„ЕСМ продажба“ утрово објави нов повик за прибирање понуди од домашни и странски компании кои можат да обезбедат и испорачаат потребни количества на гас за производство на топлинска енергија за топланите, како и за преостанатите потрошувачи на природен гас во државата.
Објавувањето на повикот дојде по најавите дека од 1 јануари „Макпетрол“ нема да испорачува природен гас до неговите корисници.