Бислими по средбата со Лајчак: Санкциите на ЕУ кон Косово се неправедни!

Косовскиот вицепремиер и главен преговарач во дијалогот меѓу Косово и Србија, Бесник Бислими, изјави дека на специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот со Србија, Мирослав Лајчак му порачал оти мерките на ЕУ кон Косово се неправедни и побарал нивно што поскоро укинување.

Во коментар на платформата „Х“, по денешната средба со Лајчак, кој престојуваше во еднодневна работна посета во Приштина, Бислими напиша дека на средбата е изразена согласност оти брањето на Косово за членство Советот на Европа (СЕ) и дијалогот со Србија „се и мора да останат посебни процеси“.

– Се сретнавме со Лајчак за да разговараме за патот напред за целосно спроведување на Основниот договор. Нагласив и дека мерките против Косово остануваат неправедни и тие треба што поскоро да се укинат. Исто така, се согласивме дека членството на Косово во СЕ и дијалогот се и мора да останат посебни процеси, напиша тој.

ЕУ, како и Соединетите Американски Држави, минатиот јуни воведоа санкции кон владата на Курти, со барање за повлекување на полициските специјалци од општинските згради во четирите општини во северно Косово – Северна Митровица, Звечане, Зубин Поток и Лепосавиќ – како и организирање предвремени локални избори со учество на претставниците на косовските Срби.

Претходно, во април лани, партиите на етничките Срби ги бојкотираа локалните избори, на кои победија кандидати на партиите на косовските Албанци со исклучително мал број освоени гласови, по што уследија протести низ северно Косово. Премиерот Албин Курти одговори на протестите со ангажирање специјална полиција за заштита на новоизбраните градоначалници.