Бил Клинтон утре доаѓа во Албанија

Поранешниот американски претседател Бил Клинтон, утре ќе допатува во дводневна посета на Албанија, при што ќе му биде врачено признанието „Ѕвезда на благодарност за јавни достигнувања“.

На 3 и 4 јули, 42-от претседател на Соединетите Американски Држави, Бил Клинтон, првпат ќе ја посети Албанија. Клинтон и делегација што го придружува ќе допатуваат во Тирана во понеделник, 3 јули, попладне, каде во 19 часот ќе бидат примени од премиерот Еди Рама на специјална официјална церемонија на булеварот „Народни херои“ пред владата со учество и на граѓани, јави државната агенција АТА.

По изведувањето на националните химни на САД и Албанија, премиерот Еди Рама, на чија покана доаѓа Клинтон, ќе си разменат знамиња на двете земји.

Зборувајќи за агендата на посетата, Рама информира дека „ќе му приредиме албански пречек и ќе му дадеме можност малку да се запознае со Тирана“.

Додаде дека „ова е посета и воопшто не е во контекст на оваа актуелна несреќна реалност“.

Двајцата големи татковци на она што се случи на Косово се Бил Клинтон и Тони Блер, но дојде момент кога децата не ги слушаат своите татковци, додаде Рама, мислејќи на непослушноста на косовскиот премиер Албин Курти.