„Билд“: Германија планира да го заостри законот против тероризам и шпионажа

Германската федерална влада планира значително да ги заостри законите против тероризам и шпионажа, дознава германскиот „Билд“, наведувајќи дека федералната министерка за правда Стефани Хубиг подготвила пакет законски измени што е доставен до федералните покраини на разгледување.

Германската федерална влада планира значително да ги заостри законите против тероризам и шпионажа, дознава германскиот „Билд“, наведувајќи дека федералната министерка за правда Стефани Хубиг подготвила пакет законски измени што е доставен до федералните покраини на разгледување.

Предложените измени предвидуваат проширување на кривичната одговорност во три клучни области – кривичното дело влегување на терорист во земјата, казни за подготовка на терористички акти и построги мерки против странски шпиони.

Досега, според германскиот весник, влегувањето во Германија со намера за извршување терористички напад не беше експлицитно кривично дело, но новиот закон предвидува казни за лицата кои влегуваат во земјата со таква намера, вклучително и членови на паравоени формации кои дејствуваат во рамките на терористички организации.

Кога станува збор за подготовка на терористички акти, нацрт-законот предвидува дека во иднина ќе се гонат и подготовките за напади со употреба на таканаречени „опасни средства“, како што се возила или ножеви.

Ова, објаснува „Билд“, го проширува постојниот член 89а од германскиот Кривичен законик, со оглед на сè почестата употреба на секојдневни предмети во терористички напади.

Третата проширена област, построги мерки против странски шпиони, предвидува построги мерки против странски агенти, вклучувајќи ја и можноста за прислушување во приватни простори, како и зголемени казни за оние кои шпионираат луѓе што живеат во Германија.

Ова, како што се наведува, е одговор на растечката закана за безбедноста на земјата поради активностите на странските разузнавачки служби. Според планот, законот треба да биде претставен пред федералниот кабинет на почетокот на септември, а Бундестагот треба да одлучи за него на есен.

-Сакаме да го развиеме кривичното право и да го прилагодиме на современите безбедносни предизвици, за да можат надлежните органи да реагираат порано. Станува збор за заштита на нашата слобода и безбедност, изјави за „Билд“ федералната министерка за правда Стефани Хубиг.