Билал Касами и понатаму останува лидер во движењето БЕСА.
На Вториот конгрес на партијата што се одржа денеска во Скопје избран е првпат заменик претседател на БЕСА, на која позиција, како што изјави за медиумите Касами, ќе биде досегашниот генерален секретар Аријанит Хоџа. Касами немал противкандидат за лидерската позиција.
„За мене тоа е голема чест истовремено и одговорност да бидам на чело на една партија која докажа дека е доследна на принципите за кои се залага дека е заштитник на сите на кои им се прави неправда“ – рече Касами.
Со изборот на заменик претседател, додаде тој, партијата го зајакнува раководство со што се подготвува и понатаму да се бори за правата на Албанците и на сите граѓани кои имаат потреба од нивната поддршка.
„Ние докажавме дека иако имавме многу проблеми со кои се соочивме во минатото дека не потклекнуваме и не запираме, туку продолжуваме уште посилно напред. Ќе се залагаме за еднаквост, слобода и за продолжување на патот кон целосна интеграција на Македонија во ЕУ. Ова особено после последните случувања во Украина, за кои ние сме убедени дека посилно треба да се залагаме за целосно зачленување во ЕУ, затоа што само така ќе бидеме побезбедни и ќе можеме да создадеме подобра иднина и подобри услови за нашите граѓани“ – порача Касами.
Тој најави дека ќе се залагаат и за што побрзо одржување на предвремени избори, затоа што, според БЕСА, оваа власт не е спремна да ги заштити интересите на граѓаните, особено во овие тешки околности во кои што се наоѓаме.