Бизнисот незадоволен од најавените тарифи за фирмите

Блок-тарифите за потрошената струја во фирмите кои би се пресметувале по принципот – кој повеќе троши, повеќе плаќа, нема да биде од никаква корист ниту за компаниите, ниту пак за економијата. Ова е ставот на Бизнис конфедерација на Македонија.

Првиот човек на ова бизнис здружение Миле Бошков за Алсат вели дека крајно време е државата излезе со конкретни мерки бидејќи голем број на мали и средни компании не би можеле да опстанат без помош од Владата.

„Мораме со оние брзи мерки кои може да дадат моментални ефекти, можности за вклучување на калкулации за намалување на трошоците на електричната енергија, во делот на даночните ослободувања, во блок дотации на енергија, олеснување на активностите во делот на тргувањето со електричната енергија“, рече Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерација.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски во Економски магазин на Алсат изјави дека се подготвуваат блок-тарифи и за компаниите. Во периодот што следи експертите треба да решат колку такви тарифи ќе има, на кое ниво ќе бидат и по која цена ќе се тарифираат.

„Тоа што е битно и што сакам ексклузивно да кажам во Вашата емисија, дека заедно со Електротехничкиот факултет, како што работевме за воведување на блок тарифи за домаќинствата, почнавме првични анализи за можноста за воведување на блокови и кај малите потрошувачи. Целта е да се ублажи ударот од високите цени“, рече Бислимовски.

Инаку, бизнисот чека договор помеѓу работните групи на Македонија и Бугарија за цената на електричната енергија, која би се увезувала од таму. Бугарија е голем извозник на струја, односно извезува повеќе отколку што земјава троши за цела една година. Но, проблемот засега е цената. Европските правила велат електричната енергија мора да се продава на берза, каде цената е околу 400 евра за мегават час, но на бизнисот во Македонија не му одговара цена над 200 евра.