Бизнисменот Крмзов во количка на суд: Рочиштето се одржува, дел од обвинението е тежок милионски криминал

Бизнисменот Ристо Крмзов во инвалидска количка се појави на денешното рочиште во Кривичен суд Скопје, при што се пожали на влошена здравствена состојба, но судењето сепак продолжи, пренесе Скопје1.

Бизнисменот Ристо Крмзов во инвалидска количка се појави на денешното рочиште во Кривичен суд Скопје, при што се пожали на влошена здравствена состојба, но судењето сепак продолжи, пренесе Скопје1.

Судијата Илија Трпков информираше дека рочиштата ќе се одржуваат, но ќе бидат пократки поради здравствената состојба на обвинетиот, нагласувајќи дека станува збор за притворски предмет.

Утрешното рочиште ќе биде одложено бидејќи Крмзов има закажан специјалистички преглед.

Според обвинителството, предметот опфаќа седум лица на чело со Крмзов, кои се товарат за злосторничко здружување, перење пари и даночна измама, како и за даночно затајување. Дополнително, три лица – даночни инспектори од Струмица – се обвинети за несовесно работење во службата, а постапката опфаќа и 13 правни лица.

Обвинението се однесува на наводна организирана шема започната во 2019 година, во која обвинетите формирале фирми со формални сопственици, со цел да остварат противправна имотна корист преку злоупотреба на системот за поврат на данок на додадена вредност.

„За периодот од 2019 до 2024 година, во поднесуваните даночни пријави неосновано било користено правото на влезен ДДВ“, соопшти Обвинителството.

Според наводите, обвинетите изготвувале и разменувале фактури со невистинита содржина за наводен промет на недвижности, кои не биле реализирани, со цел да прикажат повисок влезен ДДВ и да побараат поврат од државата.

„Со овие дејствија, во даночните пријави бил прикажан повисок влезен ДДВ во вкупен износ од 4.123.102.931 денари (67.000.000 евра), по основ на фиктивни договори за купопродажба на недвижен имот“, соопшти Обвинителството.

Како што се наведува, од Управата за јавни приходи бил исплатен незаконски поврат на ДДВ во износ од 1.348.996.831 денари, односно околу 22 милиони евра.

„Од Управата за јавни приходи бил исплатен незаконски поврат на ДДВ во износ од 1.348.996.831 денари (22.000.000 евра)“, соопшти Обвинителството.

Средствата, според обвинението, биле внесувани во платниот промет и префрлани меѓу правни лица со цел прикривање на нивното потекло.

„Дел од средствата биле употребени за купопродажба на имот, враќање кредити кон банки, подигање готовина, како и за плаќање добавувачи на градежни материјали“, соопшти Обвинителството.

Дополнително, дел од средствата биле користени за покривање на даночни долгови.

„Со износ од 457.785.310 денари (7.500.000 евра) биле покривани даночни долгови на обвинетите и на други правни лица“, соопшти Обвинителството.

Во рамки на постапката, предложена е конфискација на имот и средства за кои се смета дека потекнуваат од кривично дело, а дел од нив веќе се замрзнати со привремени мерки.

Истовремено, дел од кривичните пријави против осомничени лица биле отфрлени поради недостиг на основано сомнение, додека предметите поврзани со даночните инспектори се доставени до надлежното обвинителство во Струмица.