
Бизнисмените од Визбегово бараат ист третман како компаниите во ТИРЗ
Ист третман како компаниите во ТИРЗ зоните и решавање на инфраструктурните проблеми и дивите депонии во индустриската зона Визбегово бараат бизнисмените од Стопанската комора на Северозападна Македонија. Овие проблеми, тие денеска му ги претставија и на раководството на Социјалдемократскиот сојуз.
Ист третман како компаниите во ТИРЗ зоните и решавање на инфраструктурните проблеми и дивите депонии во индустриската зона Визбегово бараат бизнисмените од Стопанската комора на Северозападна Македонија. Овие проблеми, тие денеска му ги претставија и на раководството на Социјалдемократскиот сојуз кои имаат кандидат за градоначалник на Скопје.
– Ова го бараме многу долго време, има повеќе од 10-15 години. И денес се соочуваме со истите инфраструктурни проблеми што другите ТИРЗ зони ги немаат. Објектите во ТИРЗ зоните се градат делумно со државни пари, а кај нас ништо државата не помага. Ние правиме инвестиции со наши пари и бараме да бидеме третирани како компаниите во ТИРЗ зоните, изјави в.д. претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Нухи Алиу.
Индустриската зона Визбегово, според Алиу, заслужува поголемо внимание од надлежните институции затоа што во неа работат од пет до осум илјади лица, годишниот обрт е поголем од 500 милиони, а учеството во БДП е 7,5 проценти.
– Главниот пат на излез од Скопје за Косово, кој во моментот е во катастрофална ситуација, под итно треба да се санира. Ние секојдневно поминуваме по тој пат и имаме реални проблеми, условите на патот не одговараат со условите што треба да ги има една индустриска зона. Бараме да се решат и дивите депонии кои повремено се палат и создаваат проблеми како на бизнисот, така и на Градот Скопје. Зоната има невиден економски раст. Имаме вработени од пет до осум илјади, обртот беше 500 милиони евра на годишно ниво, учеството во БДП е 7,5 проценти, профитот над 40 милиони… нагласи Алиу.
Во однос на инфлацијата, Алиу верува дека ако се зголеми побарувачката, цените ќе почнат да паѓаат, а за тоа вреди да се размисли и за интервенција од стоковите резерви.
– Ние сме пазарно стопанство така што цените не зависат од политиката, тие се формираат врз основа на понудата и побарувачката. Ако сме подготвени да ја зголемиме побарувачката, цените ќе паѓаат без да се носи мерка за замрзнување на цените. Очекувам дека ако цените се формираат врз основа на понудата и побарувачката, ќе паѓаат до крајот на годината. Може да се пуштат и производи од стоковите резерви и со тоа да се зголеми понудата, изјави Алиу.
Според лидерот на СДСМ Венко Филипче, во изминатите четири години надлежните немале доволно слух за проблемите на бизнисмените од индустриската зона во Визбегово. Уверува дека нивните сугестии ќе бидат вградени во нивната програма.
Друг проблем, според Филипче, е и наплатата на повратот на ДДВ од близу стотина милиони евра, за кој, како што посочи, се чека и по девет до десет месеци.
Ова, според него, е еден од показателите за лошите економски политики на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.