Беќаровски: Се повеќе млади завршуваат на Токсикологија заради предозираност со кокаин

Не поминува дежурство на Клиниката токсикологија во ноќните часови без прием на пациенти поради предозираност со кокаин, алкохол и вијагра. Ова во изјава за ТВ Телма го потврдува проф. д-р Нико Беќаровски од Универзитетската клиника за токсикологија, споделувајќи го своето искуство од дежурствата во последните 12 месеци.

Она што загрижува, вели тој, е возраста на ваквите пациенти, која е на околу 30 години, па и помалку.

Осврнувајќи се подетално на состојбите со употребата на кокаин во земјава тој вели дека се појавува дилема, бидејќи порано се сметаше дека тоа е дрога за богатите. Но, сега се примаат лица кои тврдат дека ја купиле за многу поевтина цена од онаа по која се продава чистиот кокаин на црниот пазар.

Причината е, како што вели д-р Беќаровски, е што се појавиле 20 форми на лажен кокаин, со многу примеси, што го прави многу поопасен за оние што го консумираат.

„Кога ќе го видите пацинетот веднаш знаете дали зел чист коканин или со примеси. За жал, многу од тие џет-сет забави кои се одвиваат во градот се изворот од каде доаѓаат многу пацинети кои се предозирани со кокаин, Тогаш се работи за чист кокаин. Тоа нашата лабораторија го докажува. Меѓутоа, на пазарот има, се појавија 20 форми на т.н. фејк коканин кој е сличен по хемиската формула, меѓутоа има многу понесакани ефекти од вистинскиот кокаин. И очигледно е распространет кај нас“ – вели Беќаровски.

Во моментов, додава тој, цената на квалитетен кокаин е околу 100 евра за грам.

„Можете да претпоставите кој може да си го дозволи. Но, доаѓаат пациенти кои тврдат дека го земале за 20 или 15 евра и тогаш е со примеси на гипс, лимонтус, креда и што се не, а немаме докажано“ – вели професорот Беќаровски.

Посебна приказна е состојбата со синтетичките дроги. Нивното производство е секогаш два-три чекори пред здравствената фела, вели лекарот.

Годишно излегуваат 100 до 125 нови дроги во светот, а земјава ги следи ваквите трендови. Но, со ограниченоста на нашите лабораториски капацитети, вели тој, не можеме да докажеме за кој тип на дроги станува збор.

Сепак, како што вели Беќаровски, тоа не го затвора прашањето со зависноста кај граѓани во земјава. Податокот дека еден милион и двеста илјади пакувања диазепам се препишуваат во една година значи дека секој полнолетен граѓанин земал по кутија и половина,

„Ние не сме свесни во колкав степен на зависност се влезени нашите граѓани. Има држави каде што ако повеќе од 15 дена во континуитет го давате диазепамот може и да одговарате. Затоа и се применуваат тие системи за викенд пауза токму поради овој степен на зависност. Кај нас голем од од граѓаните, за жал, не можат да заспијат без консумирање диазепам“ – вели Нико Беќаровски за ТВ Телма.