На 30 јуни годинава истекува субвенционирањето на бесплатниот автобуски превоз во Куманово. Последната одлука Советот на општината ја донесе во декември лани. На наредната седница закажана за идната недела во вторник нема точка на дневен ред наменета за превозот.
-Наредната недела ќе се одржи седница на Совет. На втората, која ќе се одржи во јули, ќе се разгледува одлуката наменета за превозот, изјави претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска.
Од општинскиот буџет за оваа намена одвоени се 30 милиони денари или над 486.200.31 евра, скоро половина милион евра.
Со последната одлука беа воведени две нови стојалишта во близина на Спомен-костурницата и на „Народна револуција“ во близина на фабрика за текстил. Воедно, дел од средствата, три милиони денари (48.620 илјади евра) беа одвоени за превоз меѓу општините Куманово и Старо Нагоричане.
Опозицијата постојано реагираше и бараше оваа одлука да се промени бидејќи, како што укажуваа во неколку наврати, го поддржуваат бесплатниот превоз кој, според нив, треба да оди по купен билет при што граѓаните ќе имаат увид како и зошто се трошат нивните пари и бараа да се надминат аномалиите на кои укажуваа граѓаните.
Дел од граѓаните, пак, реагираат дека одредени категории граѓани ја злоупотребуваат мерката и бараат од превозниците, учениците да имаат предност при користење на превозот во термините кога почнува првата и втората смена во средните и основните училишта од градот. Дел од кумановци сметаат дека е прескап проект кој е во интерес исклучиво на жителите од приградските населби. Кумановци реагираа за одлуката, укажувајќи дека е потребно општината да формира претпријатие за вршење на дејноста.
Од општината наведуваат дека на овој начин се ублажува економската криза за сите учесници во општинскиот линиски превоз и произлегле повеќе бенефити како што се подобрување на семејниот буџет на кумановци преку заштеда, намалување на сообраќајниот метеж во централното градско подрачје. Првата одлука за функционирање на бесплатен автобуски превоз беше донесена во декември 2022 со почеток на функционирање од 1. јануари 2023. Во неколку наврати беше донесена измена и дополнувања на одлуката.