Внукот на Али Ахмети, Бесијан Ахмети, е разрешен од функцијата прв секретар во амбасадата на Македонија во Брисел. Одлуката ја донесе министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, на барање на Министерството за економија и труд, каде моментално е вработен Ахмети. Тој мора да ја напушти позицијата до 1 септември, две години пред крајот на договорот.
„Ве информираме дека по барање на Министерството за економија и труд, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија вчера издаде решение, со што истекува мандатот на Бесиан Ахмети како прв секретар во Амбасадата на Република Северна Македонија во Брисел“, велат од Министерството за надворешни работи, цитиани од Алсат.
Бесијан Ахмети, внук на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е осомничен во случајот за злоупотреба на концесијата за минерални суровини. Но, од Министерството за економија и труд велат дека барањето за негово разрешување доаѓа откако Ахмети немал резултат во работата за која бил задолжен.