Бесими: Спорот Русија – Украина може да има последици и врз цените на енергијата
Фатмир Бесими – министерот за финансии при вчерашната посета на Европската комисија разговараше за економската состојба во Северна Македонија и глобалната економска криза. Тој објасни дека на своите соговорници им ги презентирал мерките на Владата за ублажување на енергетската криза во земјава, посочувајќи дека се издвоени околу 5,2 милијарди кон крајот на 2021 година и исто толку и во текот на 2022 година за ЕСМ.
„Потоа имаме намалено ДДВ за домаќинствата минатата година од 18 на 5 отсто до јули, потоа станува 10 проценти, па наредната година ќе се врати на 18 отсто. И тоа сѐ има фискални импликации. Потоа програмата за поддршка на социјално загрозените домаќинства по 1000 денари месечно, околу 35 илјади домаќинства. И програмата за енергетска сиромаштија донесени од страна на Владата за време на енергетската криза. Како и дополнителниот трошок што го прави енергетската криза во приватниот сектор поради високите цени“ – рече Бесими.
Тој понатаму истакна дека се зема предвид и геополитичката неизвесност.
„Кажано е дека функционираме во рамки на Буџетот, тоа се средства што беа планирани и се разговараше што Европа прави и што ние како земја во наредниот период може да најдеме некои нови начини на финансирање на дополнителните трошоци што до крајот на годината може да ги предизвика енергетската криза, особено од геостратешки аспект, доколку тензиите со Украина ескалираат или не се решат во насока на предвидливост, веројатно дел од тоа ќе влијае врз цените на енергетските пред сѐ, а и другите производи“ рече министерот.
Бесими призна дека кризата меѓу Украина и Русија може потенцијално да донесе влошување на европските пазари.
„Тоа зависи од импактот врз пазарите во Европа во делот на енергенсите, што веќе се почувствува. Може да биде полошо ако нешто се случи, ако ескалира ситуацијата и врз цените, имаме и едно и друго. Други ескалации, зависи во која насока ќе бидат импликациите, може да има евентуален недостаток на енергија, но тоа сега за сега останува шпекулативно сценарио“ е ставот на Бесими.