Бесими: Со ребалансот поддржуваме раст на пензии, плати и нови антикризни мерки
Со поддршка на ребалансот на буџетот, давате поддршка за раст на пензиите, дополнителни средства за ранливите категории на граѓани категории на граѓани, средства за фирмите за поддршка на растот на платите во приватниот сектор, дополнителни средства за земјоделците за повисоки приноси и стабилизирање на цените на храната, како и средства за нови антикризни мерки за заштита на стандардот на граѓаните и заштита на стопанството од шоковите од тековната ценовна криза.
Ова го порача министерот за финансии, Фатмир Бесими во своето експозе на ребалансот на буџетот, кој денеска се разгледува на пленарна седница во Собранието.
„Со овој предлог ќе постигнеме две многу важни цели: прво, ќе ја одржиме макроекономската стабилност, што е од суштинско значење за понатамошниот раст и развој на секоја економија и второ, ќе ја поддржиме економијата за враќање во претпандемиското ниво, како и одржување на социјалната сигурност за нашите граѓани“, истакна Бесими.
Со ребалансот, вкупните приходи за 2022 година се проектирани на ниво од 245,8 милијарди денари и истите се за околу 6,9 милијарди денари повисоки во однос на иницијалните проекции, додека вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари, или за околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.
Со ребалансот, кај тековните трансфери се планира нагорна корекција од за околу 19 милијарди денари. Тука се планирани средства за антикризни мерки, но и други мерки за таргетирана поддршка за надминување на кризата.
„Ако првиот пакет на мерки беа општи со цел да успори инфлаторната спирала, следните мерки ќе бидат насочени повеќе кон одредени целни групи кои се најзасегнати од кризата и кои без тие мерки не би можеле да ги надминат овие ефекти. Ова е впрочем и препораката на меѓународните финансиски институции, како ММФ и Светска банка, но и на Европската унија – да се делува со мерките кон целни категории“, рече Бесими.