Бесими: Со одржливо решение за раст на платите и зголемена продуктивност до одржлив раст и подобар животен стандард
„Платите во образованието треба да растат, а и во изминатите години имаше веќе неколку покачувања. Треба да растат и платите во здравството, правосудство,одбраната, безбедноста, но треба да се испорача и економски резултат, да бидеме свесни за глобалната ситуација и економијата да застане на здрави нозе“.
Ова е пораката на министерот за финансии – Фатмир Бесими.
„Како што беше најавено од страна на Владата, после состанокот со синдикатите од образование, во наредните денови ќе следат решенија кои ќе бидат во интерес на изнаоѓање на одржливо решение за подобар стандард на наставниците, но во исто време тоа да се проследи со реформи што ќе значат поквалитетно образование, повеќе знаење за учениците и студентите, односно унапредување на човечкиот капитал, а со тоа зголемување на продуктивноста и одржлив економски раст што треба да не води и до повисок животен стандард на граѓаните“ смета Бесими.
Тој наведува дека резултати од системска анализа на Светска банка, во која се нотира дека 11 години од предучилишно, основно и средно образование, според квалитетот на наученото, е еквивалентно на само 7,3 години во развиените земји.
„Она што понатаму треба да не грижи и што не загрижува секако е човечкиот капитал, односно идните генерации – нашите деца. Тие и досега губеа по 3,7 години неоправдано во училишните клупи – да не дозволиме да губат дополнително од ова. Од нивната идна продуктивност ќе зависи иднината на нашата економија, па и пензиите. Градењето на солиден и здрав систем каде сите додаваме на вредност е единствениот систем кој може да ни донесе просперитет и подобар животен стандард. Сите да работиме за да направиме нешто подобро, а резултатите и наградите ќе дојдат неминовно ако сите подеднакво сериозно си ја сфатиме задачата“ е ставот на министерот за финансии.
Во однос на платите, Бесими вели дека Владата создала реален систем за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот, а поставен е и репер со кој висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57% од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика, како во јавниот така и во приватниот сектор.