Бесими: Смарт финансиите најзначајна фискална реформа

Министерот за финансии Фатмир Бесими во последната колумна истакнува дека реформската агенда продолжува и покрај кризата потенцирајќи дека смарт финансиите се најзначајна фискална реформа.

Бесими наведува дека со смарт финансиите ќе планираме подолгорочно и поквалитетно – стратешки, ќе ја подобриме реализацијата, ќе ја зајакнеме инвестиционата стратегија, ќе спроведеме фискална консолидација, транспарентност и отчетност.

„Има една изрека која вели – да работиш напорно е добро, но да работиш паметно е уште подобро. Секогаш и секаде, кога има добар систем, резултатите се подобри и полесно се постигнуваат. Од почетокот на мојот мандат како министер за финансии, се залагав за поставување на паметен систем во управувањето со јавните финансии – СМАРТ финансии. Овој систем се базира на јасна стратегија, одржливост, одговорност, реформски е ориентиран и е транспарентен, всушност како што и самиот акронимот тоа го кажува (S-strategical, M-maintainable, A-accountable, R-reform-oriented, T-transparent).

Што ќе постигнеме со СМАРТ финансиите? – Ќе планираме подолгорочно и поквалитетно – стратешки, ќе ја подобриме реализацијата, ќе ја зајакнеме инвестиционата стратегија, ќе спроведеме фискална консолидација, транспарентност и отчетност.

На мое големо задоволство еден од реформските закони од СМАРТ – системот неделава беше усвоен од страна на Собранието. Станува збор за Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, со кој се прави значаен чекор напред во фискалната децентрализација. Исто така, на второ читање во Собранието помина новиот Закон за буџети (Organic Budget Law), кој е всушност носечкиот закон на системот на „паметни“ финансии, односно најголемата фискална реформа во последните две децении. Со овој закон, традиционалното инкрементално буџетирање, ќе се преориентира кон буџетирање ориентирано кон резултати. Со новиот Закон за буџети се утврдуваат фискални правила и формирање Фискален совет.

И двата закони се работени визионерски, темелно, инклузивно, преку широк процес на консултации со сите чинители – како што и треба да биде со вакви реформи. Во Собрание добија поддршка од сите пратеници, вклучително и опозицијата. Од особено значење е постоењето консензус за одредени економски политики – како што досега имавме консензус за независноста на монетарната политика, со Законот за буџети се постигнува консензус за фискалните правила, односно фискалната одржливост. Очекувам во најскоро време, на повторното состанување на Собранието, да се разгледа на пленарна седница, имајќи ја предвид неговата важност и коренитите промени кои ќе ги донесе во системот на јавни финансии.