Бесими: Сивата економија останува „евергрин“

Сивата економија, како проблем останува „евергрин“, пишува министерот за финансии Фатмир Бесими во колумна. Тој пред една недела, исто преку колумна најави даночна реформа, која наиде на широка дискусија за тоа какви и дали и се потребни нови даноци на земјава.

Со даночната реформа, вели министерот, сакаат да ја сузбијат неформалната економија, односно дел од работниците кои работат на црно да се озаконат и да плаќаат даноци.

Тој посочува дека според проценките на ММФ, сивата економија во просек е на ниво од 35 отсто од БДП во ниско и средно развиените економии, за разлика од 15 проценти од БДП во развиените економии. Во земјите во регионот, сивата економија, се движи околу 30 отсто.

Бесими вели дека дека оценките се дека во Република Северна Македонија, сивата економија изнесува околу 33 отсто.

„Доколку сакаме да имаме држава со подобра инфраструктура, квалитетно образование, подобра здравствена и социјална заштита, сите заедно мора да се потрудиме и дадеме свој придонес“, пишува Бесими.

Тој пишува дека ако сакаме да ја намалиме неформалната економија, треба истата да ја направиме економски „неатрактивна“.