Бесими: Државниот и јавниот долг во јануари се намалија за неколку проценти поени во однос на 2020. година
„На крајот на јануари државниот и јавниот долг се намалија неколку проценти поени во однос на нивото од 2020 година и изнесуваат 48,7 посто и 57 проценти соодветно. Во собраниска процедура е Законот за буџети со кои се пропишува лимит за јавниот долг од 60 отсто. ММФ проценува дека за земјите од регионот 70 посто е нивото на долг кој нема да го загрозува економскиот раст. Намалување на буџетскиот дефицит, во насока на стабилизирање на долгот е политика која ќе се спроведува на среден рок, додека на кус рок, фискалната политика ќе се концентрира на заздравување на економијата и поддршка на стандарот на граѓаните“ – пишува во најновата колумна на министерот за финансии – Фатмир Бесими.
„Според проценките на Меѓународниот монетарен фонд и на експертите за земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа, прагот од 70 проценти нема да делува негативно на економскиот раст на овие економии. Нашиот јавен долг е далеку под овие прагови. Според последните податоци за државниот и јавниот долг кај нас, на крајот од јануари годинава тие изнесуваат 48,7 отсто и 57 посто соодветно. Гарантираниот долг изнесува 7,95 проценти. Во однос на крајот на 2020 година, ова е намалување од 4 процентни поени кај јавниот долг и 3,2 процентни поени кај државниот долг. Инаку, според фискалните правила дефинирани како Мастришки критериуими, кои веќе се составен дел на предложениот Закон за буџети, кој е во собраниска процедура, предвидуваат прагови од 60 посто за долгот на општата влада и 15 проценти гарантираниот долг како процент од БДП, според кои кумулативно јавниот долг може да достигне ниво од 75 отсто од БДП. Секако, во новиот предлог закон за буџети се дефинира и буџетскиот дефицит да не надмине ниво од 3 посто од БДП“ – пишува министерот за финансии.
Тој посочува дека согласно ревидираната Стратегија за јавен долг 2022-2024 (со изгледи до 2026 година) очекувањата беа дека 2021 година ќе ја завршиме со јавен долг од 61,2 проценти и државен долг од 52 отсто.
Сепак, остварувањата се нешто пониски од оваа проекција. За годинава очекувањата за јавниот и државниот долг согласно Стратегијата е дека истите ќе изнесуваат 63,5 посто и 53,4 отсто, но мора да се има предвид и пониската стартна основа, како и новонастанатите случувања со Украина.