Бесими: Ги стабилизираме цените на храната!

„Како што ветивме – ги стабилизираме цените на храната. Од денес, граѓаните нема да плаќаат ДДВ за основните производи за исхрана! Со тоа ќе се делува кон цените на храната и на висината на потрошувачката кошничка, односно кон зачувување на стандардот на граѓаните“.

Ова е пораката на министерот за финансии Фатмир Бесими споделена на Фејсбук.

Министерот посочува дека укинувањето на ДДВ за основните прехранбени производи е резултат на измените на Законот за ДДВ, предложени од Министерството за финансии како дел од 26-те антикризни мерки за справување со тековната ситуација предизвикана од руско-украинската криза.

„Ќе истакнам повторно, никој не вели дека ќе биде лесно, но стоиме зад тоа дека ќе има борба, од Владата, за да граѓаните што помалку ги почувствуваат притисоците од руско-украинскиот конфликт. Тоа впрочем го докажавме и со антикризните мерки за време на пандемијата со кои значително беа амортизирани ефектите врз економијата и за кои добивме најдобри оценки од меѓународните финансиски институции“ – наведува Бесими.

Од денеска со нула проценти ДДВ се продаваат лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8 проценти, 3,2 проценти и 3,5 проценти, свежото месо, оризот и јајцата.