Германија ќе биде домаќин на состанок за глобалната криза со храна предизвикана од војната во Украина, на кој ќе присуствува и американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
На состанокот „Сојуз за глобална прехранбена безбедност“, кој ќе се одржи во петок, се разговара за недостигот на храна предизвикан од војната, изјави портпаролот на прес-конференција во Берлин.
– Владата е особено посветена во своето претседавање со Г7 на изнаоѓање заеднички одговори на надвиснатата глобална криза со глад предизвикана од агресивната војна на Русија против Украина, рече тој.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок напиша на Твитер дека конференцијата има за цел „да ги стабилизира резервите на храна во светот“.
Западот побара од Москва да престане да ги блокира украинските пристаништа на Црното Море за да може резервите на жито да се извезуваат на светските пазари за да не дојде до глад во ранливите региони.
Москва категорично тврди дека не е одговорна за кризата со храна и ги обвинува западните санкции за прекини во снабдувањето што ги зголемија цените на житото и ги поттикнаа стравувањата од глад во ранливите региони.
Средбата во Берлин ќе се одржи во време кога лидерите на Групата седум индустриски најразвиени земји се подготвуваат за средба од 26 до 28 јуни во германското алпско одморалиште Шлос Елмау.