Бериша тврди дека 9 земји ја блокираат Албанија во ЕУ, Рама му порача да почека до мај

Албанскиот премиер Еди Рама, ги отфрли тврдењата на лидерот на опозицијата, Сали Бериша, за блокади од 9 земји членки на Европската унија, додавајќи дека очекува позитивен развој во процесот на европска интеграција на земјата до мај.

Албанскиот премиер Еди Рама, ги отфрли тврдењата на лидерот на опозицијата, Сали Бериша, за блокади од 9 земји членки на Европската унија, додавајќи дека очекува позитивен развој во процесот на европска интеграција на земјата до мај.

-Вето става една држава. Ако се девет, тоа не е вето, туку гласање. До крајот на април или почетокот на мај ќе се види вистината, порача Рама, директно обвинувајќи го Бериша, дека шири неточни информации за европскиот процес.

Премиерот нагласи дека членството во ЕУ останува стратешка цел без алтернатива и ги повика партиските структури да ја засилат ангажираноста.

-Ова е голема одговорност што ја носиме. Овие реформи ја прават Албанија држава и ја подготвуваат за членство, изјави Рама.

Тој објасни дека процесот на пристапување функционира на две нивоа во ЕУ – техничко, каде се оценуваат реформите, и политичко, каде одлуките ги носат земјите членки со консензус.

-Доволно е една земја да каже „не” и процесот запира. Но, тврдењата дека постојат повеќе вета се неточни“, додаде тој.

Рама наведе дека очекува убедлива победа на локални избори во 2027 година, оценувајќи дека тоа е важно за продолжување на реформите и европската агенда.

Бериша во меѓувреме најави нов масовен антивладин процес за 27 април.