Бериша, обвинет за корупција, не се појави на распитот пред Специјалното обвинителство
Поранешниот албански премиер Сали Бериша, обвинет за корупција поврзана со приватизацијата на поранешниот спортски комплекс „Партизани“, денеска не се појави на распитот пред обвинителите на Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција (СПАК).
Во изјава за медиумите Бериша кажа дека нема да оди во СПАК, бидејќи тоа според него е кршење на Уставот и оти „нема насилник што ќе го натера да го прекрши Уставот“.
-Подготвен сум во секое време да одам во СПАК за да одговорам на секое прашање. Никогаш не ги прифаќам неуставните санкции на Еди Рама и неговата банда. Секој граѓанин треба да знае дека сум се јавувал во Обвинителството онолку пати колку што сум бил повикан во текот на животот. Не можам да прифатам дека Рама со грст насилници кои функционираат како структурирана криминална група го крши Уставот. Но, сè додека е на сила Уставот, нема насилник во Албанија или во светот кој би ме натерал да го прекршам Уставот, рече Бериша.
Според член 231 од Законот за кривичната постапка, во случаите кога има повреда на мерките за безбедност, судот може да изрече друга построга мерка.
Конкретно, мерките кои се сметаат за поостри и кои можат да му бидат определени на Бериша се куќен притвор или присилно приведување, додека затворскиот притвор за поранешниот премиер не е можен поради неговата возраст(79 години).
Нему Специјалниот суд против корупција и организиран криминал (ЃККО) на 21 минатиот месец му определи „обврска за јавување“ и му ја одзеде патната исправа. Бериша, кој е пратеник во албанскиот Парламент, смета дека според Уставот правосудните органи прво треба да се обратат до Законодавниот дом.