Сали Бериша – екс-албанскиот претседател и екс-премиер денеска два часа поминал во Обвинителството во Тирана каде давал исказ во врска со протестот што тој го организираше минатата сабота и насилниот обид за влез во седиштето на партијата.
По излегувањето од зградата на Обвинителството, тој рече дека на 8 јануари во партиското седиште, освен „припадниците на Националната гарда, Баша го бранеле и фундаменталисти, убијци, повратници од Сирија“.
„Она што сакам да ви го кажам е дека во мојата изјава нагласив дека за секој Албанец, за секој пријател и партнер на Албанија, главната грдотија е најнезамисливиот чин, најкриминалниот момент во изминатите 30 години, најфлагрантниот доказ за поврзаноста на политиката со криминалот. Љуљзим Брава (Баша) на 8 јануари беше опкружен со банда убијци, трговци, киднапери, фундаменталисти, повратници од Сирија. Ова е најдраматичниот момент и најфлагрантен доказ за поврзаноста на нарко-држава и еден политичар со криминалот“ – рече Бериша.
Тој претходно обвини дека на денот на протестот во партиското седиште Баша го заштитувале „маскирани лица-криминалци од Македонија“.
Во Обвинителството утре свој исказ ќе даде и Љуљзим Баша.