Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок изјави дека „сè додека во Европската унија се одлучува едногласно, Македонија мора да ги почитува компромисите и да ги вметне Бугарите во уставот за да ги почне пристапните преговори со ЕУ“.
Како што истакна Бербок, во овој случај не станува збор за неправда, туку за почитување на правилата на ЕУ, иако и таа самата вели дека се залага за укинување на принципот на едногласност во ЕУ, особено во делот на проширувањето.
„Правилата во ЕУ се такви, се одлучува едногласно, и тука не се работи за некаква неправда. Ние не се согласуваме со нашите европски партнери во сѐ, но такви се правилата. Сѐ додека тие правила не се сменат, за што јас лично се залагам, тие треба да се почитуваат“, ја пренесе „Дојче Веле“ Бербок од прес-конференција по средбата со македонскиот колега Тимчо Муцунски по самитот на Берлинскиот процес во Берлин.
Германската министерка му кажала на Муцунски дека вметнувањето на бугарското малцинство во уставот е последниот чекор за отворање на првиот преговарачки кластер со ЕУ.
Бермок истакна дека во вакви случаи едно од најважните работи е лидерството.
„Честопати во политиката се потценува колку е важно лидерството. Важните чекори, меѓу нив и интегративните процеси, секогаш успевале кога политички одговорните имале храброст и покрај негативната општествена атмосфера да го сторат најдоброто за нивната земја. Ние, како Германија, сакаме да помогнеме тоа да се случи и во прашањето на Северна Македонија и Бугарија”, изјави Бербок.