Бензините поскапуваат: Ова се новите цени од полноќ

Бензините од ноќеска на полноќ поскапуваат од два до 2,5 денари за литар, а цената на дизелот останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,46 отсто.

Со одлуката на РКЕ малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за два денара за литар и ќе чини 109 денари, а на ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемува за 2,5 денари и ќе изнесува 111,5 денари за литар. Цената на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) не се менува и останува 99,5 денари за литар, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемува за три денари и од утре ќе се продава за 98,5 денари.

Со одлуката на РКЕ не се менува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и таа и понатаму ќе изнесува 54,64 денари за килограм.

Како причина за зголемените малопродажни цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат зголемените референти цени на светскиот пазар кај бензините во просек за 3,497 отсто и кај дизелот за 1,882 отсто, како и за 0,105 отсто понискиот курс на доларот во однос на денарот.