Носителката на листата на пратеници во ИЕ 5, Весна Бендевска денеска одржа прес конференција на која се осврна на вредностите и принципите за кои ќе се залагаат како вистински претставници на граѓаните, а кои се преточени во програмата за претстојните парламентарни избори „Проглас за достоинствена Македонија“.
Бендевска рече дека Движењето ЗНАМ во оваа кампања веќе се етаблирало како нова политичка опција и сериозна алтернатива на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, по добиената сериозна поддршка од граѓаните во првиот круг од претседателските избори.
„Оваа енергија, оваа сила и синергија значи нов ветер в грб, за два дена заедно да го завршиме започнатото: Македонија, втемелена на Крушевските и АСНОМСКИ постулати, да ја градиме како вистински демократско општество во кое се почитуваат човековите права ислободи без никаква дискриминација. Само такво општество може да се нарече праведно општество“, рече таа и додаде дека клучните вредности кои се основа на идејата за почитување на човековите права се човечкото достоинство и еднаквоста.
Бендевска, исто така, рече дека во нивната Програма се залагаат за посебна заштита на правата на ранливите групи и заедници и лицата со посебни потреби, кои ќе мора да добиваат посебна заштита од државата за да можат целосно да се интегрираат во општеството, како рамноправни индивидуи. Таа потанцира дека секој човек е важен и ќе го добие своето место во системот, во согласност во своите капацитети и вештини.
Бендевска рече дека визијата на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија за тоа како треба да изгледа државата се темели на неколку вредности и принципи, а тие се: правда за сите подеднакво, обврски кон државата за сите подеднакво; нулта толеранција за корупција и брза и ефикасна борба против организираниот криминал – веднаш; без амнестија за никого што се огрешил по Устав и закон; секој да одговара за кривичните дела што ги направил, а украденото и одземеното од устата на граѓаните мора да се врати назад; под итно да се вратат укинатите одредби од Кривичниот законик со кого и власта и опозицијата си се самоамнестираа од делото – злоупотреба на службена положба и овластување и зголемуљвење на казната за тоа дело на затвор од минимум 10 години; кривичните дела за криминал и корупција нема да застаруваат; да се укине доживотниот мандат на судиите и јавните обвинители, а судиите и јавните обвинители да одат на реизбор секои шест години, бидејќи само така ќе има можност за увид во квалитетот на нивната работа.
„Правда мора да има; без правда нема ниту правна држава, ниту лично и човечко достоинство, а без тоа – нема ни достоинствена Македонија“, рече таа.
Бендевска ја искористи приликата и им го честиташе големиот христијански празник Велигден на граѓаните кои слават и посака здравје, среќа, спокој и благосостојба во секое семејство.