Авторитарниот владетел на Белорусија, Александар Лукашенко, го забрани зголемувањето на цените бидејќи се обидува да се справи со забрзаната инфлација во земјата погодена од западните санкции поради неговиот спорен избор и поддршката за Русија во војната на Москва против Украина.
Лукашенко денеска го најави овој потег, за време на средба со владини претставници.
„Од 6-ти [октомври] сите поскапувања се забранети. Забрането! Од денес. Не утре, денес. Така никој не може да ги зголеми цените во следните 24 часа. Затоа поскапувањата се забранети како денеска“, рече Лукашенко.
Лукашенко ја објасни својата одлука со, како што рече, „безобразниот“ пораст на цените на храната во последните месеци.
„Цените не можат да одат повисоко… Но, има исклучоци, а тие исклучоци се под контрола на министерот [за економија] и гувернерите“, додаде Лукашенко без да наведе дополнителни детали.
Лукашенко рече дека за периодот јануари-септември инфлацијата била 13 отсто, а до крајот на годината би можела дополнително да се забрза до 19 отсто доколку не се преземат мерки. Тој им нареди на владата и централната банка да преземат мерки за забавување на инфлацијата на 7 до 8 проценти до јануари 2023 година.