Бела куќа: Трамп гледа напредок во трговскиот договор со Кина

-Го прашав претседателот за ова пред да излезам овде. И тој сакаше да споделам со сите вас дека работиме многу добро во однос на потенцијалниот трговски договор со Кина, рече портпаролката на Белата куќа Каролин Левит на прес-конференција.

Американскиот претседател Доналд Трамп верува дека САД напредуваат кон трговски договор со Кина, соопшти синоќа Белата куќа, пренесе ДПА.

-Го прашав претседателот за ова пред да излезам овде. И тој сакаше да споделам со сите вас дека работиме многу добро во однос на потенцијалниот трговски договор со Кина, рече портпаролката на Белата куќа Каролин Левит на прес-конференција.

Левит додаде дека администрацијата ја поставува основата за договорот со Кина и истакна дека администрацијата на Трамп, исто така, добила 18 трговски предлози од земји ширум светот.

Левит одби да каже дали Трамп неодамна разговарал со кинескиот претседател Си Џинпинг, пренесе германската агенција.

Трамп веќе изрази оптимизам минатата недела, изјавувајќи дека е уверен дека ќе направи „многу добар договор“ со Кина и ги опиша претходните комуникации со Пекинг како „многу добри“.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент, исто така, предложи деескалација во спорот со Кина, порачувајќи им на инвеститорите на состанокот зад затворени врати дека сегашните нивоа на царини се неодржливи, објави синоќа телевизијата Си-Ен-Би-Си, цитирајќи учесник на состанокот.

Претходно овој месец, Трамп го ескалира трговскиот конфликт со воведување нови царини за повеќе земји, но подоцна прогласи пауза во спроведувањето во следните 90 дена. Меѓутоа, тој ги задржа специјалните царини до 145 отсто за кинеските стоки, на што Пекинг возврати со царини до 125 отсто за американските производи, потсетува ДПА.