Белата куќа објави детали од трговскиот договор меѓу САД и Кина

Кинеската влада ќе ги укине ограничувањата за извоз на критични минерали, ќе го запре извозот на хемикалии во Северна Америка потребни за производство на фентанил и ќе го продолжи протокот на полупроводници за автомобили, објави Белата куќа, детално опишувајќи го договорот постигнат од кинеските и американските преговарачи во четврток во Јужна Кореја.

Кинеската влада ќе ги укине ограничувањата за извоз на критични минерали, ќе го запре извозот на хемикалии во Северна Америка потребни за производство на фентанил и ќе го продолжи протокот на полупроводници за автомобили, објави Белата куќа, детално опишувајќи го договорот постигнат од кинеските и американските преговарачи во четврток во Јужна Кореја, објавува Политико денес.

Како што изјави американскиот министер за финансии Скот Бесант, договорот ги деескалира тензиите меѓу двете земји и во основа применува едногодишно примирје во нивните односи од следната недела.

Во документ објавен од Белата куќа, отстапките на Кина се опишани како голема победа што ја штити економската сила и националната безбедност на Америка.

Според Политико, резултатите од состанокот меѓу двајцата лидери, Си Џинпинг и Доналд Трамп, претставуваат решителна победа за агресивната царинска политика на американскиот претседател, и покрај фактот што состанокот резултираше со компромиси и кревко примирје во односите, наместо со долгорочен трговски договор, пренесе Танјуг.

Сепак, кинеските „јастреби“ стравуваат дека ништо не го спречува Пекинг да се повлече од договорот ако процени дека тој повеќе не служи за својата цел, наведува порталот.

Кина ќе издава општи лиценци важечки за извоз на ретки земни метали, галиум, германиум, антимон и графит во интерес на крајните корисници во САД, како и нивните добавувачи низ целиот свет, се додава во соопштението на Белата куќа.

Ова е добра вест за американските граѓани и одбранбената индустрија која се потпира на овие елементи во процесот на производство.

Белата куќа, исто така, изјави дека Пекинг ќе преземе значајни мерки за да го запре протокот на фентанил во САД, како и строга контрола на извозот на други хемикалии до сите дестинации во светот, но без да прецизира за кои материјали станува збор.

Кинеската влада, исто така, се согласи да ги поништи неодамнешните потези на полупроводничката компанија Wingtec Technology за блокирање на извозот на клучни компоненти до нејзината холандска подружница Nexperia.

Тој потег предизвика криза со снабдувањето со чипови што сега влијае на глобалната автомобилска индустрија, и поради што холандската влада ја презеде контролата врз компанијата во септември.

Според Белата куќа, Пекинг ќе преземе мерки за да обезбеди продолжување на трговијата од фабриката на Nexperia во Кина, што ќе овозможи производството на чипови да стигне до остатокот од светот.

Сепак, Пекинг наговести во изјава за работењето на Nexperia дека двете страни можеби не се во целосен договор во врска со решавањето на проблемот со снабдувањето со чипови.

Сакам да истакнам дека несоодветното мешање на холандската влада во корпоративните работи го попречи глобалното производство и синџирот на снабдување, изјави портпаролот на кинеското Министерство за трговија.