Бектеши: Ќе има нови антикризни мерки по усвојување на ребалансот на Буџетот

„Во моментот кога ќе се усвои ребалансот на Буџетот, кога ќе имаме можност да креираме мерки и да ги редизјанираме постоечките, ќе ги викнеме сите стопански комори, сите засегнати страни и синдикатите и ќе излеземе со дополнителни мерки“ – рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

Тој информираше дека секојдневно добива писма од различни здруженија и од Стопанските комори, напоменувајќи дека Министерството е подготвено за состаноци и за разговор во детали.

„Во однос на антикризните мерки, чекаме да биде усвоен ребалансот на Буџетот. Институциите се подготвени да се соочат со кризата. Секој ден добивам писма од стопанските комори и од различни здруженија. Сите што се заинтересирани да дадат придонес, тоа може да го направат јавно, а секако дека ние сме секогаш подготвени за состаноци и за разговари во детали“ – изјави министерот, одговорајќи на новинарски прашања по врачувањето на договорите за „Субвенционирање плати“ во Тетово.

Бектеши напоменува дека „институциите се подготвени да се соочуваат со секаква криза, за храна, за струја или за топлинска енергија“.