Бектеши: Ќе бидат замрзнати цените на над 10 овошја и зеленчуци, трговци ставале 200 отсто маржа

Министерството за економијата направи анализи и ќе достави предлог одлука до Владата на следната седница да одреди замрзнување на цените на зеленчукот и овошјето, најави денеска министерот за економија Крешник Бектеши. Тој рече дека ќе бидат опфатени над десет производи.

„Вчера во текот на денот се завршени сите анализи во Министерството за економија согласно податоците добиени од страна на Царинската управа, а воедно и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) во однос на замрзнување на цените за овошјето и зеленчукот. Предлог на Министерството за економија ќе биде замрзнување или определување највисоки цени во делот на овошјето и зеленчукот и тоа секако дека е направено во согласност и со МЗШВ. Ќе бидат опфатени над десет производи на овошје и на зеленчук имајќи ги предвид податоците за месец март, каде што за жал е утврдено дека одредени трговци на овие видови производи имале големи маржи што надминувале 100 – 200 проценти за одредени производи“, изјави Бектеши.

Тој рече дека трговијата за овошје и зеленчук се врши на друг начин од другите производи заради тоа што рокот е многу пократок и секогаш маржата е поголема, но не може да биде 150-200 проценти.

„Во однос на другите производи, ние веќе сме ги објавиле сите анализи, најверојатно во Владата ќе одржиме и прес-конференција каде што преку презентација, преку табели ќе ја информираме јавноста во делот на просечната цена што била посебно во месец март, а граѓаните бидејќи знаат кои се цените сами може да направат споредби и тоа што ќе го кажеме ние за овошјето зеленчукот е потврдено“, вели Бектеши.

Тој оцени дека кон крајот на април или почетокот на мај ќе се зголеми домашното производство и тоа, како што дополни, ќе влијае позитивно на намалување на цените. Порача дека Министерството за економија во соработка и со другите институции на дневна база ги следи сите случувања во делот на цените.