Бектеши: Успешно ја менаџираме енергетската криза, а трошиме многу помалку од соседите

„Со воведувањето на кризната состојба, Северна Македонија успешно ја менаџира енергетската криза и во споредба со другите држави од соседство има потрошени многу помалку пари“. Ова е оценката на министерот за економија – Крешник Бектеши по денешната негова посета на Технолошко развојната зона во Тетово.

„Моментално нема рестрикции во Северна Македонија, нема ценовни шокови за домаќинствата и малите потрошувачи. Горд сум на се што досега сме постигнале, а не сме трошеле од буџетот. Ако се споредиме со Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина или другите држави во соседството, кои потрошиле милијарди само за овие месеци, ние целосно не сме потрошиле ни 120 милиони евра“ рече Бектеши.

Тој објасни дека без воведување на кризната состојба немаше да може да се создадат поволни услови за менаџирање на кризата.

„Во однос на последната одлука одвоени се некаде околу 50 милиони евра, имајќи во предвид дека производната цена на електричната енергија на ЕСМ е некаде околу 61 евро. Во моментов увезуваме и јаглен, а после 12 години со одлука на Владата по предлог на Министерството за економија ја ставивме во функција ТЕЦ Неготино. Под берзански цени работи ТЕ-ТО. На берза моментално цената е 240 евра по мегават час, додека ТЕ-ТО ја продава на државата за 190 евра, со што ќе заштедиме 50 евра по мегават час како држава. Ова не можевме да го направиме без да објавиме кризна состојба во делот на енергетиката  и топлинската енергија“ – вели Бектеши.

Потенцира дека државата ги субвенционира и им помага само на државните компании како што прават секаде во Европа.