Бектеши: Скопје ќе има парно без разлика дали ќе работи ТЕ-ТО или не

Топлинска енергија од 15 октомври ќе има за сите потрошувачи во град Скопје без разлика дали ќе работи или нема да работи когенеративната електрана ТЕ-ТО, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

„Ако не работи ТЕ-ТО во делот на производство на електрична енергија со чиј нус производ се обезбедуваат 60 до 70 отсто од производството на топлинска енергија за градот Скопје топланите Исток и Запад со набавката на гас ќе ја покријат целата потрошувачка во делот на топлинска енергија која ја има во градот Скопје. Ако работи ТЕ-ТО топланите Исток и Запад ќе работат со помал интензитет, рече Бектеши.

Нагласи дека со моменталните цени на електричната енергија на регионалната берза ХУПЕКС на компаниите кои се на слободниот пазар им е поевтино да набават струја од увоз отколку да ја произведе ТЕ-ТО.

-Ако ја земеме во предвид моменталната цена на природниот гас од 1500 евра за 1000 нормални кубни метри, цената на производство на електрична енергија од ТЕ-ТО ќе биде околу 280 евра по мегават час. Цената, пак, на берзата на ХУПЕКС моментално е 200 евра за мегават час што значи дека на компаниите на слободниот пазар им е подобро да увезат струја отколку да ја преработи ТЕ-ТО, прецизира Бектеши.

Посочи дека јавно ги повикал одговорните во топланата Скопје Север, која е во стечајна постапка, да се обратат до ЕСМ за набавкана природен гас.

-Ако имаат законска можност можат директно да се обратат и до Макпетрол за набавка на гас, рече Бектеши.