-Нашата заложба е електричната енергија што ја произведува ЕСМ да биде меѓу најевтините во регионот. Сепак, ако дополнително со одлука на Влада не го обврзевме ЕСМ да ги покрива загубите во мрежата на МЕПСО и ЕВН дистрибуција ќе пораснеше и трошокот за дистрибуција на струјата, а со тоа и крајната сметка што ја плаќаат граѓаните, рече Бектеши во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5.
Нагласи дека има позитивни ефекти од воведувањето на блок тарифите за домаќинствата и додаде дека токму оние домаќинства кои повеќе штедат сега имаат помали сметки за потрошена електрична енергија отколку за дистрибуција на електричната енергија до нив.
Владата во изминатиов период вложила 272 милиони евра за субвенции во топлинска и електрична енергија со цел цените за граѓаните да бидат поприфатливи.
-Во кризни времиња сите треба да покажуваат солидарност. Не може компании кои со години остваруваа профит да очекуваат субвенции за електрична енергија. Затоа тие компании што можат да ја поминат кризата без поддршка од Буџетот нема да бидат поддржани, а средните компании ќе добијат поддршка само ако дополнително се зголеми цената на електричната енергија на берзите, кажа Бектеши и најави дека од 1 декември ќе бидат поддржани компаниите кои произведуваат основни прехранбени производи.
На скопјани има порача да бидат мирни и дека на 15 октомври ќе им бидат топли радијаторите и такви ќе останат во текот на грејната сезона.
-Од 15 октомври топланите Исток и Запад ќе произведуваат 100 проценти од потребите за топлинска енергија за град Скопје доколку не работи ТЕ-ТО. Ако, пак, ТЕ-ТО не може да обезбеди гас за работа, тоа може да го направи државата преку ЕСМ која е задолжена да раководи со производството и дистрибуцијата на топлинска енергија за Скопје, посочи Бектеши.
Во насока на обезбедување на гас, како што кажа, договорено е со бугарската страна да се зголеми притисокот во гасоводот од постојните 36 на 48 бари за да се зголеми протокот на гасоводот. Тоа, како што рече, се прави со цел да се направат напори да се снабдуваме со гас и од други извори освен од Гаспром кој до 2030 година целосно го има закупено моменталниот капацитет на гасоводот. Најави дека до крајот на годинава ќе започне и изградбата на гасоводот со Грција.
Од 100 до 150 компании од прехранбената индустрија ќе бидат префрлени на регулираниот пазар. Ова е еден од начините и мерките за намалување на цените на основните прехранбени производи, а со тоа и инфлацијата. Оваа мерка би важела од 1 декември 2022 година, кажа министерот за економија Крешник Бектеши во вечерашното гостување во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија.
„Имајќи во предвид дека треба да се справуваме и со инфлацијата во делот на храната, а одредени компании кои произведуваат основни прехранбени производи имаат за три до четири, па дури и 10 пати поголеми трошоци во импутот електрична енергија, за да се намалат овие трошоци кои се директен импут во крајната цена ние ќе ги ставиме тие дејности на регулираниот пазар, по конкурентна цена на струјата, но со обврска да се намалат цените на основните прехтранбени производи“ кажа министерот.