Бектеши: Северна Македонија е првата земја членка на Енергетската заедница која што изработи Национален план за енергија и клима

Министерот за економија, Крешник Бектеши, изјави дека актуелната македонска Влада е целосно на линија со реформите и со политиките на Европската комисија во врска со енергетската транзиција и зелената агенда.

Во своето обраќање на меѓународната конференција „Самит на земјите од Западен Балкан 2022, градење мостови за мир, напредок и солидарност“, што во организација на „Економист“ и Владата на Косово денеска се одржува во Приштина, Бектеши рече дека државата доследно ги имплементира сите нови европски одредби во однос на енергетиката и заштитата на животната средина.

– Северна Македонија е првата земја членка на Енергетската заедница која што изработи Национален план за енергија и клима кој опфаќа декарбонизација, енергетска ефикасност, безбедност во снабдувањето со енергија, внатрешен пазар на енергија и истражување, иновации и конкурентност. Министерството за економија како креатор на политиките за енергетика со усогласување на Законодавството во областа на енергетиката создава основа за развој на енергетиката и енергетска транзиција. Стратешкото планирање на политиките и идните чекори ќе допринесат за навремено и правилно постигнување на зацртаните цели – рече Бектеши.

Тој истакна дека Македонија е целосно на линија со реформите кои се преземаат и со политиките на Европската комисија во врска со енергетската транзиција и зелената агенда, имајќи предвид дека во последните пет години, покрај транспозицијата на легислативата на Европската унија и директивите, започна и да ги имплементираме тие одредби, со цел да ја заштити животната средина и да ја зголеми безбедноста кога станува збор за енергијата.

Говорејќи за подготовките кои ги презела македонската влада за менаџирање на актуелната енергетска криза, Бектеши посочи дека Македонија има закон за енергетска ефикасност, кој се заснова на сите европски директиви, а ги исполнуваме и е во процес на исполнување на обврските кои ги презела како полноправна членка во енергетската заедница.

– Решавањето на енергетската криза не е лесна работа. Да потсетам дека е тоа глобална криза, со најголемо влијание на европскиот континент и треба да имаме предвид дека сме Европејци, не само по традиција и култура, туку и интегрирани како територија, бидејќи сме целосно интегрирани кога станува збор за линиите на трансимисија на енергијата, како и на инфраструктурата, наречена критична инфраструктура. Ние ќе работиме интензивно за да ги зголемиме и интензивираме сите овие линии, со цел да не бидеме зависни од Русија или од било кој – рече Бектеши.

Тој им забележа на енергетските политики на ЕУ во последните години, оценувајќи ги како погрешни, затоа што инвестициите главно биле упатувани на северот на европскиот континент, занемарувајќи го Западен Балкан.

– Иако Грција и Бугарија се полноправни членки на ЕУ, на извесен начин Западен Балкан беше помалку поддржан кога се работи за критичната инфраструктура – рече Бектеши.