
Бектеши: Од утре се замрзнуваат цените на јајцата и оризот
Министерот за економија Крешник Бектеши објави дека утре на владина седница ќе се донесе одлука за замрзнување на цените на јајцата и на оризот, по примерот на таа за белиот и полубелиот леб кој мора да се продава по 33 денари.
– Утре се замрзнува цената на оризот и јајцата согласно цените кои биле претходно во текот на овој месец. Шеќерот и брашното, согласно податоците од Царинската управа, има намалување и трендот на намалување ќе продолжи. Цените таму сами ќе паѓаат, а ако не се направи тоа од трговците, ќе следуваат и за тоа мерки, рече Бектеши.
Министерот рече дека нема да биде откриена максималната цена на оризот и јајцата се до донесувањето на одлуката, бидејќи како што рече, трговците и производителите ќе може да се подготват за злоупотреби.
– Нема да биде денешната цена, но тоа ќе биде една од цените во текот на месец март, но не сакаме да го кажеме кога, за да не се подготват трговците и производителите, но тоа не значи дека немаме доверба во стопанствениците, но не би сакал да објавувам пред да биде донесена одлуката на Владата. Ќе биде една од цените која била во март, одговори тој на новинарско прашање.
Бектеши на денешната владина прес-конференција објави дека трендот е наскоро со две минимални плати во едно семејство да се покрие минималната синдикална потрошувачка кошничка.
Како што рече министерот, во 2023,та минимална потрошувачка кошница е 43.163 денари, а за тоа се потребни 2,1 минимални плати кои опд овој месец изнесуваат по 20.175 денари.
– Со бројките што ги гледам за мецес март, јас сум убеден дека ќе ни требат помалку од две минимални плати. Имаме намалување во земјата и во регионот од 4,5 денари на дизелот за една недела и трендот на намалување ќе продолжи оваа недела. Тоа ќе има позитивно влијание во делот на намалување на инфлацијата, што значи цената на дизелот ќе биде под 75 денари, рече Бектеши.