
Бектеши нема потпишано ниту една лиценца за „Пулс“, тврди одбраната
Одбраната на поранешниот министер Бектеши, адвокатот Еленко Миланов, во воведниот збор рече дека одбраната не бега од законот, но „особен придонес кон извршување на делото“ од Крешник Бектеши мора да биде конкретен, наведен и опишан во она што му се става на товар.
Одбраната на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, во својот воведен говор на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, тврди дека причинско-последична врска во дејствија на обвинетиот Бектеши, спротивно на законски обврски по кои е должен да постапува нема, ниту Министерството со кое управувал има надлежност за инспекциски надзор, додека дејствие на извршување е предизвиканиот пожар од пиротехника несоодветна за затворена просторија и употребена спротивно на закон за пиротехнички средства, без задолжително одобрување од МВР за користење во затворен простор.
Одбраната на поранешниот министер Бектеши, адвокатот Еленко Миланов, во воведниот збор рече дека одбраната не бега од законот, но „особен придонес кон извршување на делото“ од Крешник Бектеши мора да биде конкретен, наведен и опишан во она што му се става на товар.
– Дали ја набави пиротехниката, дали беше во Кочани да ја внесе, недај боже да ја активира. За каузалитет и причинско последична врска во дејствија на соизвршителство е обвинет со уште 33 лица, со кои надвор од оние што се во Министерството за економија никого не познава, но бил соизвршител по она што сака да ве убеди Обвинителството. Затоа сметам дека правната квалификација е работа на Судот, а Крешник Бектеши, кој буквално никогаш во животот не бил во Кочани, се јавува како соизвршител, со службеници во институции во Кочани и Штип. Сметам дека со почитување на законските прописи од Крешник Бектеши и службите во Министерството за економија не може да ги сметате за некој систем или законодавци кои имаат придонес за овој настан, изјави Миланов.
Крешник Бектеши, а и кое било лице што ноќта на 15 кон 16 март 2025 не беше кај дискотеката во Кочани и немаше службени или било какви други обврски околу таа дискотека, според Еленко, не може да одговара за соизвршителство.
Миланов пред Судот, рече дека како одбрана ќе докажат дека издадените лиценци во периодот што му се става на товар на Бектеши од 2018 до 2022 се издадени со факсимил на Крешник Бектеши како Министер за економија, што значи дека „не постои ниту еден потпис на лиценца од Крешник Бектеши“, како и дека „најмалку за една од овие лиценци ќе докажеме дека е издадена на датум кога Бектеши не се наоѓа во Македонија“.
– Овластувања за користење на факсимил постојат уредно предвидени согласно законски одредби и посочени конкретни лица кои во одреден период имале овластување да го користат тој факсимил. Најмалку за една од овие лиценци ќе докажеме дека е издадена на датум кога Бектеши не се наоѓа во Македонија, но стои во ова обвинение со оваа правна квалификација како дел од каузалитет во однос на издадени лиценци, но без конкретни дејствија за такво нешто, изјави Миланов.
Миланов, исто така, укажа дека член 57 од Законот за угостителска дејност предвидува дека инспекциски надзор над спроведување на одредби од овој закон вршат Државен пазарен инспекторат и други инспекциски органи, согласно овластувања утврдени со закон за инспекциски надзор.
– Министерството за економија нема ниту инспекциска служба, ниту овластувања за надзор. Одредбата од член 60 од Законот за угостителска дејност ги утврдува надлежностите на ДПИ, што се истиот проверува. Па проверува, дали угостителската дејност се врши во ноќен клуб кабаре без лиценца или спротивно на исполнетост на минимално техничките услови од член 6 од овој закон, помеѓу другите обврски на ДПИ. Ќе докажеме дека не постои ниту еден записник од ДПИ или која било друга инспекциска служба доставена до Министерството за економија во овој период на обвинение за Крешник Бектеши со укажување дека не се исполнети минимално техничките услови, изјави Миланов.
Никаде, нагласи Миланов, не постои законска обврска да се побара од ДПИ утврдување на минимум услови во моментот да издавање на лиценца, а од потребните документи, освен пријавата со изјава и тврдење за вистинитост од корисникот нема ништо друго.
– Сметам дека каузалитет на овие лиценци издадени со факсимил на Крешник Бектеши, со за жал трагедијата од 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ ја нема. Причинско-последична врска во дејствија на Крешник, спротивно на законски обврски по кои е должен да постапува нема, ниту министерството со кое управувал има надлежност за инспекциски надзор. Тоа е по самиот Закон за угостителска дејност на други инспекциски органи, на Државниот пазарен инспекторат кој врши контроли и не наоѓа забелешки и тука прекинува каузалитетот, изјави Миланов.
Случајот, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, се води под засилени безбедносни мерки, со присуство на обвинетите, роднини на жртвите и бројни новинари.
Воведни зборови треба да дадат и одбраната на претставници од Министерството за економија меѓу кои Џеваир Камбери, Шефкет Хазари, Зоран Николовски, Беким Хаџиу, Арлинда Касапи и Размена Чекиќ Дуровиќ, потоа пазарните инспектори Миле Ампов, Блашка Евтимова, Весна Кузмановска и Емил Митев, а преостанува и воведниот збор на обвинетиот Александар Нацев, сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ чија постапка беше споена со оваа непосредно пред почетокот на судењето.
Обвинителството, застапувано од тим од 15 јавни обвинители, најави дека доказите ќе покажат оти клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток, резултат на систематска негрижа и институционални пропусти.
На обвинителна клупа се 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.