Бектеши: Мерката за „гарантирана цена“ на дел од прехранбените производи ќе важи до крајот на годината

На предлог на Министерството за економија, на денешната седница Владата донесе Одлука за престанување на важноста на Одлуката за забрана за вршење на трговија на одредена стока, односно забрана на трговците на мало да нудат акциска продажба (акција) и промотивна продажба (промоција) при ставање во промет на земјоделски и прехранбени производи.

Исто така Владата донесе и Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за посебни услови за трговија на одделни стоки, определување на највисоки сцени за одделни производи на трговија на мало, како и обврска на трговците да прибавуваат определени видови и количества на одделни стоки на поттрошувачите, според која рокот за важење на оваа одлука се продолжува од 30 ноември до 31 декември, односно до крајот на годината.

Како што образложи министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција овие две одлуки се носат по консултација со бизнис секторот и врз анализи на надлежните институции.

„По широката и конструктивна дискусија со трговците и на мало и големо, како и компаниите за производство на прехранбени производи и претставници на Стопанската комора, за да нема заблуда кај претставниците од секторот трговија, денеска беше целосно укината Одлуката за забрана на акции и промоции. Бидејќи одредени трговци на мало ја толкуваа претходната Одлука дека немаат можност да имаат акции и промоции, сега со последното прецизирање, односно измена и дополнување на Одлуката и производителите и дистрибутерите и трговците ќе имаат можност да ги стават сите земјоделски и прехранбени производи на акција и промоција“ кажа министерот Бектеши.

Во однос на втората Одлука министерот појасни дека податоците на терен покажуваат дека мерката за намалување на цените на основните прехранбени производи означени со „гарантирана цена“ има простор да важи до крајот на годината.

„Во однос на втората Одлука согласно сите анализи и разговори со Државниот пазарен инспекторат, со Секторот трговија во Министерството за економија, а имајќи во предвид дека е подготвен финалниот текст на Законот за нефер трговски практики, кој треба за кратко време да биде доставен во Собранието, а очекуваме да биде изгласан од пратениците, одлучивме мерката за намалување на цените на дел на основните прехранбени производи, како и знакот „гарантирана цена“, наместо до 30 ноември да важи до крајот на годината. Тоа ќе значи дека потрошувачите ќе бидат заштитени од евентуално повторно зголемување на цените“ кажа министерот Бектеши.