Бектеши: Има заинтересирани за изградба на гасоводот до Грција, се бара и инвеститор за две гасни централи

Има многу заинтересирани фирми за изградба на интерконекторот за гас кој ќе нè поврзе со Грција, вели министерот за економија Крешник Бектеши во неделното интервју за РСЕ.

Бектеши додава дека се предвидува дополнително да се користи модел на јавно приватно партнерство и во Осломеј каде што би можело да се развие и топловодна мрежа за Кичево, слично на Скопје.

„Во делот за Неготино, таму се планира таа да се конвертира во гасна и водородна централа и ние како министерство веќе донесовме одлука за да доставиме писмо за интерес на нашите соседни држави бидејќи предвидуваме да имаме голем капацитет со над 600 МВ часа каде што би се вклучиле нашите соседи, особено од Западен Балкан. Имавме предвид дека на тој начин нашиот енергетски систем би го направиле регионален и на тој начин би се споиле и пазарите за да имаме пофункционална берза и да имаме сигурност во делот и на снабдувањето со струја“, вели Бектеши, меѓу другото.

Тој појаснува дека до 1 февруари е рокот за пријава на заинтересираните страни за изградба на интерконекторот со Грција.

„Досега има многу компании кои се заинтересирани и меѓународни и домашни и јас сум убеден дека тоа ќе биде успешен процес со кој би отпочнала изградбата околу март и е предвидено во рок не повеќе од 18 месеци ние да имаме целосно нова гасоводна мрежа. Тоа како држава ќе ни ја зголеми сигурноста во снабдувањето и нема да сме зависни само од Русија и Бугарија“, потенцира Бектеши во интервјуто за РСЕ.

Засега не се знае точната сума за изградбата, но Бектеши вели државата има капацитет да ги гради централите во Кичево и во Битола.