Бектеши: До 15 април е осигурено снабдувањето со природен гас во земјава!
„До 15 април е осигурено снабдувањето со природен гас во земјава“ – ова го изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши, кој не верува дека би имале некаков проблем во делот на топлинската и електричната енергија при евентуална одлука на Руската Федерација да се плаќа природниот гас во рубљи од страна на „непријателските држави“.
„Во случај да се донесе таква одлука, сите други алтернативни ресурси на природен гас со кои ќе се снабдува Бугарија, ќе може да ги користиме и ние“ – рече Бектеши, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција во Владата.
Бектеши рече дека како членка на НАТО и земја која има аспирации за влез во Европската Унија, државата ќе ги почитува сите одлуки што ќе бидат донесени на ниво на Алијансата и од страна на државите членки на ЕУ, но убеден е дека ќе се изнајдат други алтернативи за снабдување со природен гас. На дел од нив, како што посочи, веќе како држава работиме, а тоа се новиот интерконектор со Грција, директното учество во Александропулос и интерконекторот со Бугарија.